Организаторите на Струмичкиот карневал вечерва организираа „Карневалско корзо“ од плоштадот „Гоце Делчев“ до зградата на општината и назад, како потсетување на некогаш одржувањето на традиционалниот карневал во вторник, а потоа во Центарот за култура „Антон Панов“ им ги доделија наградите на најдобрите маски од годинашното издание на „Струмичкиот карневал“.
Карневалскиот одбор со заедничката фотографија во Градската Уметничка галерија, каде е поставена изложбата „30 години во FECC“, му испратија јавна покана на градоначалникот на Струмица, Костадин Костадинов утре во 12:00 часот да дојде на заеднички Тримерски ручок во Центарот за култура, каде карневалистите ќе му го вратат клучот од градот и ќе му се заблагодарат за довербата што им ја даде да управуваат со градот во изминатите седум дена.