Во просториите на „Еurope House“ во Струмица вчера се одржа дебата со претставници од средните училишта на тема органодонорство, како дел од активностите на ЕУ проектот за подигнување на јавната свест за органодонорството и трансплантацијата во земјава.
Целта на средбата на која, покрај средношколците, учествуваа и Националниот координатор за трансплантација на органи и ткива д-р Маја Мојсова Мијовска и Адријана Георгиев од Министерството за здравство, беше да се укаже на важноста на трансплантацијата и органодонорството, не само како медицинска дејност, туку и од аспект на хуманост, љубов, емпатија, надеж.
„Вие, младите, сте идната сила на ова општество и токму со вас е важно да се разговара за овие сегменти од живеењето. Одлуките што се носат навистина не се лесни, но треба да бидеме информирани. Донорите, семејствата на донорите, со своите одлуки, носат една нова надеж, поинаква човечка димензија на дарувањето. Тоа е начинот да покажеме и една друга перспектива, наспрема свртеноста кон себе и индивидуализираноста. Сакаме на младите да им ја пренесеме пораката дека не постојат табу-теми и теми за кои се плашиме да зборуваме. Неопходен ни е разговор дури и на тие теми и притоа мора да градиме ставови. Некогаш животот нè носи во ситуации кога ни е потребно да се донесат важни одлуки. Органодарувањето е една од тие одлуки“, вели д-р Мојсова.
На средбата во Европската куќа во Струмица присуствуваа ученици од средните училишта „Димитар Влахов“ и „Јане Сандански“, кои покажаа отвореност да разговараат за една тема што е олицетворение на тенката линија помеѓу животот и смртта, да слушнат и да научат многу повеќе за нејзините различни аспекти, но и да ги постават своите дилеми поврзани со неа. Дарителите на органи се херои, и семејни, но и општествени. Спасуваат животи, менуваат приказни, тие се дел од највисоките хумани чинови за кои знае човештвото.
Ним и на нивните семејства им се поклонуваме, објаснува д-р Мојсова.
„Трансплантацијата е медицински процес, но истовремено е и еден општествен процес што отвора прашања како што се хуманоста, емпатијата и љубовта. Семејствата што носат одлука да ги донираат органите од своите блиски, чувствуваат некаква утеха за тоа дека дел од нивните блиски продолжува на некој начин да живее и истовремено ја менуваат животната приказна на други луѓе, кои не ги ни познаваат, а, ете, им подаруваат живот. Тоа ново пулсирање на животот, помислата дека некој некаде живее подобро, за миг, носи утеха и некакво спокојство. Тоа е врвен знак на хуманост, емпатија, на љубов. Грижа за другиот, кое само по себе е и значењето на животот“, сподели Георгиев.
Тимот ги објасни сите чекори на процесите на органодонорство и трансплантација, од синхронизирањето на вклучените тимови, неопходните испитувања за компатибилност на дарителот и реципиентот, софтверското поврзување на сите параметри, а ги појасни и етичките принципи на органодонорството, возрасната граница на донорите и реципиентите, аспектите за заштитата на личните податоци.
Учениците имаа можност да погледнат и кусо документарно видео со фокус на органодонорството и трансплантацијата, но и да дадат свој фидбек за пристигнатите решенија на Повикот за визуелни дела за средношколци и професионални дизајнери на тема органодонорство, чии победници ќе се соопштат наскоро.
„Фасцинирана сум од сè што слушнав. Темата е мрачна, но многу ме допре. Верувам дека ваквите средби придонесуваат да научиме многу повеќе за процесите, но и за човечноста, за надежта, за љубовта“, изјави една од ученичките.
„Ми враќа верба во човечкото“; „Почит кон храброста на двете страни“; „Дознав многу повеќе за тоа како гледаат на животот луѓето што добиваат втора шанса“ ‒ беа само дел од пораките што ги споделија младите од Струмица.
Настанот е дел од проектот „Поддршка на системот за трансплантација“, финансиран од ЕУ, во кој краен корисник е Министерството за здравство. Модератор на настанот беше Небојша Илијевски, проектен консултант за комуникации.