Книжевен разговор и промоција на книгата „Небото ми е дома“ на академик проф. д-р Катица Ќулавкова се одржа покрај отворениот базен на хотелот „Сириус“ во Струмица во организација на Фондацијата „Елеуса“.
Катица Ќулавкова е истакнат македонски поет, есеист и академик, позната по својот оригинален и длабок пристап кон литературата.
„Небото ми е дома“ е поетска збирка која носи уникатна емоционална и интелектуална тежина. Книгата се одликува со богати метафори и слики кои го одразуваат длабокото размислување на Ќулавкова за човековото постоење, љубовта, природата и духовноста.
Издавач на книгата е Струмичката Православна Епархија, а ја промовираа д-р Игор Радев, д-р Ана Витанова Рингачева и м-р Сузана Мицева, со интерпретација на стихови од Катерина Панов Кожаров.
Витанова Рингачева и Мицева ја преставија авторката и нејзиното дело, дискутираа со неа, а таа ги споделуваше инспирациите и процесот на создавање на збирката.
„Поезијата не може да биде „побожна“, но може да има „набожна“ димензија. Во набожната поезија универзалните мотиви се посматраат на непретенциозен и рафиниран личен начин. Таквата поезија искажува верски чувства не само експлицитно, со зборови, туку и преку интонацијата, ритамот. Таквата поезија користи митски слики, алузии, метафори, алегории, реминисценции, симболи. Таквата поезија не глуми, туку востановува извесни состојби на богољубие, ја дивинизира природата и го користи „сакралниот интертекст“ за поетски цели“, вели академик Ќулавкова.
Овој настан збогатен и со музички перформанс на Вокално инструменталниот состав „Стихири“, беше одлична можност за љубителите на поезијата и литературата да се запознаат со новото дело на Ќулавкова и да ја продлабочат својата врска со македонската литература.