Оние кои беа ќе раскажуваат за синоќешниот прекрасен концерт на бендот YU FOR YOU предводен од младиот кантавтор, мултиинструменталист Иван Кукиќ. И јас ќе ви го раскажам, вам кои немавте можност да го следите во живо, но преку преку видеото и фотографиите ќе можете барем малку да го почуствувате амбиентот на третиот концерт на Иван Кукиќ и YU FOR YOU, кој веќе традиционално го одржуваат на 29 ноември.
Почнаа со музиката на легендарниот бенд од бившите ЈУ простори – Индекси, бенд во кој Иван Кукиќ беше дел од нивната турнеја минатата година која ја имаа во главните градови на бившите Ју републики, Љубљана, Загреб, Сараево, Белград и Скопје. Во тој состав беше и уште една легенда Дадо Топиќ, со кој Иван ја започнува музичката соработка, а која резултираше и со неговото гостување на синоќешниот концерт во Центарот за култура „Антон Панов“ во Струмица, каде публиката, а ја имаше од различни генерации уживаше во гласот на Дадо Топиќ и безвременските хитови „Дали знаш да те волим“, евровизиската „Принцеза“ од пред 40 години со Слаѓана Милошевиќ, синоќа во изведба на Марија Ичкова од Гевгелија. А вистинска кулминација направи со изведбата на песната од пред 50 години, се уште жива – „Македонија“. Како што кажа Дадо, песна која е една од неговите најубави страници во животот како музичар и пејач.
„Во детинството мојата мајка многу ги сакаше и пееше македонските песни, и од неа научив многу, а како некоја инспирација од неа ја напишав песната со зборовите „Тамо где вечно сунце сја, тамо је Македонија“ – кажа Дадо изведувајќи го овој хит во придружба на YU FOR YOU, Стефан Илиќ & Стринг квартет, кои целиот концерт го свиреа и им дадоа посебна убавина на песните со своите виолини, а тука беше и Градскиот мешан хор „Гортинија“ од Гевгелија предводен од професор Илија Атанасов.
YU FOR YOU се младите момчиња кои ја негуваат југословенската поп рок музика од 50/60/70/80-те години од минатиот век. Млади се момците, не биле ни родени кога се слушаше таа музика на Индекси, Парни Валјак, Бијело Дугме, Атомско Склониште… но сите се квалитетни веќе професионални музичари. Иван Кукиќ како вокал и басист, Зоран Трендов соло гитара, на клавијатурата свиреше Влатко Сапламаев, тапани Ѓорги Стамков, ритам гитара и пратечки вокал Тодор Стефанов, перкусии Марјан Стоилов и Ване Панов како пратечки вокал.
На синоќешниот концерт Иван Кукиќ промовираше уште една песна „Друмови“ која ќе се најде на неговиот прв албум за „Croatia Records“ за кој веќе се снимени сите песни, се прават последните миксови, а веќе во почетокот на новата 2024 година албумот ќе биде издаден од неговата матична продукција „Croatia Records“ со која има склучен петгодишен договор.
Шлагот беше на крајот од концертот кога деца од музичкото училиште „Боро Џони“, облечени во бели кошули и марама околу вратот се појавија на сцената и ја запееја онаа познатата на Ѓорѓе Балашевиќ – „Само рата да не буде“, кои заедно со Иван и сите на сцената ја испратија пораката до „големите“ да ги прекинат војните и убивањето на луѓе, а посебно деца кои само во последната година настрадаа многу.
Целиот концерт звучеше многу убаво, тонот и свирката го направија концертот како да свиреа врвните музичари на Индекси, Парни Валјак, Бијело Дугме… а сето тоа под водство на микс пултот на проф. Борис Шурлан од Белград, професор на Иван кај кого минатиот месец дипломира Музичка продукција и дизајн на звук.
Двочасовниот концерт на YU FOR YOU беше вистинска музичка убавина, потсетување на добрата музика од златниот период на југословенското музичко творештво, која се слушаше некогаш, но и сé уште се слуша и живее во музичките настапи на многу млади музичари. /Р.Ѓ./