Зградата на Општина Струмица блесна во портокалово светло по повод 25 Ноември – меѓународниот Ден за елиминација на насилството врз жените со кое се означи и почетокот на Кампањата „16 дена активизам за борба против родово базирано насилство“, а ќе трае до 10 Декември кога и се одбележува меѓународниот Ден на човековите права.
Кампањата со поддршка на градоначалникот Костадин Костадинов и општината Струмица, кој на средбата со жените-активистки организирани во Здружението „Скај Плус“ и граѓани пред општинската зграда кажа дека од буџетот Општина Струмица издвојува финансиски средства за функционирање на лиценцираниот Шелтер центар за згрижување жени и деца, жртви на семејно насилство, а го помага и психо-социјалното советувалиште, кое им овозможува поддршка на жртвите, препознавање на насилство, излегување од насилната средина, закпрепнување, социјализација и нов почеток.
„За да го заокружиме процесот за жена жртва на родово базирано насилство, Општина Струмица во буџетот планира финансиски средства за реализирање на проектот „Куќа за отворено домување“. Куќата е форма на поддржано живеење за жени жртви на семејното насилство и е дел од моделот за реинтеграција и рехабилитација на жени жртви на семејно насилство. Овој модел има за цел да обезбеди долготрајно и безбедно домување, стабилно вработување и приходи, надминување на траумите од преживеаното насилство како и живот без насилство врз жртвата која ја напуштила насилната средина заедно со нејзините деца. Како општина нема да дозволиме жените и децата кои се во ризик да ни станат бездомници. „Куќата за отворено домување“ ќе обезбедува домување за жените од 6 до 24 месеци“ – најави градоначалникот Костадинов.
Инаку, 25 Ноември е меѓународен Ден против насилство врз жените и со него започнува кампањата за активизам против насилство за жените, а портокаловата боја на кампањата ја симболизира светлата иднина без насилство врз жените.