Во пресрет на празникот на струмичко Ново Село, Ѓурѓовден, се организираат Ѓурѓовденски спортски игри. Младите од општина Ново Село втор ден се натпреваруваат во повеќе спортски дисциплини.
Спортските игри се во организација на здружението „Ново Село Спорт“, а под покровителство на општината и поддржани од Основното општинско училиште „Мануш Турновски“ од Ново Село. Како што велат од здружението, спортските игри во Ново Село, кои се организирале години наназад, прекинале да се одржуваат во 2018 година.
Здружението „Ново Село Спорт“, формирано во април минатата година, било поттикнато да ги организира годинашниве Ѓурѓовденски спортски игри заради големиот интерес кои младите го покажале со учеството на рекреативната школа „Ново Село“. Од здружението гордо раскажуваат за Радио СтрумицаНет дека на голема врата го обновуваат и поттикнуваат спортот во нивната општина. Тие формираа и нов фудбалски клуб „Академија Огражден“, а во моментов се во процес на формирање и на одбојкарски клуб, за што има интерес од над 140 деца.
Вчера на почетокот на годинашниве Ѓурѓовденски спортски игри присуствуваше и градоначалникот на општина Ново Село, Ѓорѓе Божинов. Денеска, петок се играат финалните натпревари, а учесниците на крајот на спортските игри ќе уживаат во музичката програма на настанот.
Инаку, мора да се подвлече дека според податоците од Попис 2021, општина Ново Село е една од најиселените во Македонија, со пад на бројот на жители од речиси 40% во споредба со податоците од пописот во 2002 година.