Детскиот карневал во Струмица се одржа на сам ден Прочка, како дел од традиционалниот „Струмички карневал 2026“. Годинава манифестацијата се реализираше на нова локација, односно беше проширена и во Спортската сала „Парк“, каде најмладите со своите настапи ја исполнија салата до последно место.
По сценските изведби следуваше дефиле до градскиот плоштад, каде карневалската магија продолжи со забава на отворено со Ди-џеј Боно. Насмевки, музика, шарени костими и детска возбуда – сето тоа создаде вистинска карневалска атмосфера во центарот на градот.
Годинава се маскираа околу 600 карневалчиња, распоредени во 23 карневалски групи од струмичките основни училишта и детските градинки. Секоја група понуди уникатна приказна, со внимателно изработени костими и креативни идеи, реализирани со помош на родителите и наставниците.
Во свој препознатлив стил, но овојпат во поинакво издание, Баба Ружа ги водеше децата и публиката низ програмата, внесувајќи дополнителна ведрина и хумор во претставата наречена „Детски карневал“.
Иако немаше натпреварувачки карактер, сите учесници добија награди – медали со логото на „Струмичкиот карневал“, како симболична благодарност за нивната креативност и учество.
Детскиот карневал уште еднаш потврди дека традицијата во Струмица се негува од најмала возраст и дека карневалскиот дух продолжува да живее преку најискрената насмевка – детската. /Р.Ѓ./


























