Пред Центарот за култура „Антон Панов“ во Струмица вистинска новогодишна атмосфера за очите, а внатре во големата сала таква празнична атмосфера и за ушите, пренесена со префинетиот и романтичен звук од најразлични инструменти на големиот Врачански Симфониски оркестар од Бугарија, управуван од диригентската палка на Христо Павлов.
Сплет од познати божиќни песни, светски хитови, евергрини, интерпретирани од познатиот бугарски солист Васил Петров, но и познати класични дела од композиторите Феликс Менделсон, Франц Шуберт, Жил Масне, Цезар Франк, Ј.С. Бах, Шарл Гуно, Франц Грубер изведувани од сопранот Тања Лазарова и виолинистката Зорица Иларионова, ја воодушевија струмичката публика, која со аплаузи на двапати ги враќаше на бис изведувачите.
Час и половина, пред Новата година публиката ја почувствува новогодишната магија и преку звуците на Врачанскиот Симфонски оркестар и гласовите на познатите бугарски уметници со концертот што го организираше Центарот за култура „Антон Панов“ од Струмица.