Претседателот на Организациониот одбор на Струмичкиот карневал, Александар Цицимов на денешната прес конференција каде беа соопштени наградите од годинашното издание, кажа дека е изненаден од јавното обвинување од страна на градоначалникот на Струмица кон карневалскиот одбор.
„Пред почетокот на Интернационалната карневалска поворка бевме обвинети за партизација и „уназадување“ на Струмичкиот карневал. Иако сите ја знаеме вистинската причина зошто сме експресно анатемисани, сепак сме изненадени од времето и начинот на изрекување на обвинението. Но веројатно нашиот напредвиден грев беше толку голем што обвинението мораше да биде веднаш и јавно изречено. Иако сме јавно обвинети, сепак сме горди што карневалот кој го „уназадивме“, минатата година ја доби наградата за најдобра манифестација во државата и го намами СИ-ЕН-ЕН да направи репортажа за него“ – кажа Цицинов.
Тој кажа дека по обвинувањата, на сам ден на одржувањето на главното карневалско дефиле, кај членовите на карневалскиот одбор се појавил револт и дилемата дали треба да се учествува во преостанатите активности, потенцирајќи дека преовлада разумот да и покрај се, треба да се биде професионален и обврските да се реализираат до крај.
„Сепак најтешка беше одлуката да се доделат наградите, имајќи во предвид дека како резултат на горенаведеното два члена од жири комисијата не зедоа учество во работата на жирито. Но решивме и во вакви услови да се доделат наградите, бидејќи карневалистите и нивните прекрасни креации не треба да бидат жртви на оваа неочекувана ситуација, свесни дека како и секогаш ќе има реакции за одлуките на жирито и дека дополнително ќе бидеме обвинети за „уназадување“ на карневалот“ – кажа на прес конференцијата претседателот на Организациониот одбор, Александар Цицимов кој цели 35 години ја води оваа манифестација препознатлива во Европа.