„Се случи тоа што се случи. Сите сме погодени и разочарани, но не смееме и нема да се откажеме од патот по кој одевме 7 години, а за кој се боревме многу години пред тоа. Продолжуваме понатаму уште посилно и уште поупорно во потврдувањето дека ние сме најдобрата опција за иднината на нашата држава“ – кажа Борче Цветков, претседател на ОО на СДСМ во Струмица и кандидат за пратеник во Изборна единица 4 на вечерашната Трибина на тема „Една е младина“ што ја организираше Локалниот клуб на СДММ во Струмица.
Говорејќи за тоа што Владата предводена од СДСМ направи за младите во изминатите 7 години, за создавањето на демократски амбиент, како што кажа Цветков, во кој нивниот глас се слушаше и почитуваше и врз основа на тоа се зголеми младинското учество во унапредувањето на општеството, тој го посочи донесувањето на Законот за младинско учество и младински политики, во 2020 година, со кој за првпат се дефинира младинското учество.
„Докажавме дека знаеме да бидеме партнери на младите луѓе и сите форми на младинско организирање, но и покажавме дека само преку активна работа можеме да ја зголемуваме довербата на младите во институциите, нешто што е клучно ако сакаме да создаваме сегашност и иднина за младите“ – додаде Цветков, најавувајќи дека со новата програма на СДСМ младите остануваат во нивниот фокус и ќе добијат уште поголем пристап до вработување, европско образование, до обуки и вештини и поголема економска стабилност и независност.
„За 35 илјади млади обезбедно е учество во програмата Гаранција за млади, го зголемуваме младинскиот додаток од 3.000 на 5.000 денари месечно, нудиме 200 евра месечно во првите 12 месеци за секое прво вработување на лица до 26 години, студентски ваучери за сместување и план за домување за млади до 29 години, за првпат воведуваме софтвер за младинска работа, а ќе формираме и институционален партнер на младите, Министерство за млади“ – кажа Цветков.
Тој упати и порака до младите, по ниедна цена да не се откажуваат од европската перспектива, посебно сега, како што кажа, „кога конечно ја постигнавме нашата стратешка цел и сме најблиску до ЕУ, продолжуваме по патот што го зацртавме како партија, како држава, каде централно место има енергијата и волјата на младите луѓе. Скршнувањето од Европскиот пат ќе го зголеми незадоволството кај младите и ќе влијае врз натамошното заминување во странство, а тоа никој од нас не го сака“ – додаде Цветков.
Кандидатот за пратеник во ИЕ4 од СДСМ, Борче Цветков на вечерашната трибина на која присуствуваше и носителот на листата за пратеници од СДСМ во ИЕ4, д-р Венко Филипче и градоначалникот на Струмица, Костадин Костадинов, ги повика младите социјалдемократи да ги надминат предизвиците со коишто се соочуваат.
„Да си ги потврдиме нашите политики на 8 мај и да не им дадеме шанса на другите да го растурат тоа што досега со голем труд и силна желба го градевме. Нема да се откажеме од иднината, којашто најмногу ви припаѓа вам“ – заврши Цветков.