Со цел да се обедини заедницата и да се соберат средства за лекување на малата Нина, „Елеуса Фондација“ организира хуманитарен концерт под наслов „Концерт на добрината – За Нина“. Настанот ќе се одржи во петок, 14 ноември, со почеток во 19:00 часот, во Центарот за култура „Антон Панов“ – Струмица.
Концертот ќе биде исполнет со музика, емоции и хуманост, а на сцената ќе настапат ВИС „Стихири“ и Летната школа за гитара „Џоко Ѓоргиев“, кои со своите изведби ќе го обојат вечерното случување во духот на солидарност и човечка добрина.
Влезницата за настанот изнесува 250 денари, а сите собрани средства ќе бидат наменети за поддршка и лекување на Нина. Влезниците се достапни на билетарата во НУЦК „Антон Панов“ и во Оптика „Сфера“ Струмица.
Од „Елеуса Фондација“ упатуваат повик до сите граѓани, институции и компании да ја покажат својата хуманост и преку присуството на концертот да станат дел од заедничката мисија – Нина да има безгрижно детство исполнето со радост и надеж.





























