Извршниот одбор на Социјалдемократската младина на Македонија (СДММ) за нов претседател на Локалниот клуб на СДММ во Струмица го избра 22-годишниот Христијан Ефтимов – студент по менаџмент на човечки ресурси, со искуство во градежната индустрија и угостителството. Работи како одговорно лице за продажба на станови, набавка на материјали и надзор на градежни операции, а истовремено изградил значителни комуникациски и организациски вештини како менаџер во угостителството.
Христијан доаѓа на местото на досегашниот претседател, Андон Стојков, кој е назначен за нов координатор на младите социјалдемократи во Изборната единица 4.
Христијан е дел од СДММ од 18-годишна возраст, со значаен придонес во организирањето трибини, обуки и други младински активности. Последните две години беше член на Извршниот одбор, а сега е и член на Централниот одбор на СДММ.
Неговата визија е да создаде инклузивна платформа за младите, која ќе биде двигател на позитивни промени и успеси.
„Денес започнуваме ново поглавје – време е да покажеме што можеме и да ги претвориме нашите идеи во реалност! Младите се моторот на секоја позитивна промена и нашата шанса е да го направиме она што долго го посакуваме: да бидеме активни, да ги претставиме нашите идеи и да ја водиме Струмица во нова, подобра насока. Јас сум тука да создадеме заедно, да поттикнеме иновации, да го вклучиме секој од вас во процесите на одлучување. Вашиот глас е важен! Кога работиме заедно, ништо не е невозможно. Вашите идеи, вашиот ентузијазам и вашата страст се она што ќе не води напред. Со вашата поддршка и вклученост, можеме да ја изградиме иднината која ја заслужуваме. Ова е само почеток, а најдоброто допрва доаѓа“ – напиша Христијан на својот Фејсбук профил по изборот за претседател на младите социјалдемократи во општина Струмица.