Новогодишна атмосфера повторно го обои излетничкото место „Свети Илија“ над Струмица, откако група редовни рекреативци ја украсија природната елката со лампиони и празнични украси.
Станува збор за неформална, но веќе препознатлива традиција која овие љубители на пешачењето и природата ја практикуваат неколку години по ред, со желба да внесат празничен дух и топлина на оваа омилена локација над градот.
Излетничкото место „Свети Илија“, кај истоимената црква е секојдневно посетувано од граѓани кои пешачат по трим-патеката што води од „Ловен дом“ до црквата „Св. Илија“, а новогодишно украсената елка претставува пријатен детал што го разубавува просторот и го надополнува доживувањето на посетителите.
Рекреативците упатуваат порака за грижа кон природата и зачувување на просторот, со апел празничниот амбиент да се одржува со почит и одговорност.






























