Мирис на печен костен повторно се почуствува под падините на планината Беласица над селото Смолари. Голем број граѓани од повеќе места на Македонија, но и гости од странство беа дел од 13-та манифестација „Костенијада 2024“, а меѓу нив беше и премиерот Христијан Мицкоски во придружба на министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски.
Домаќините, жители на Смолари успееја да ги задоволат потребите на многуте гости кои сакаа да вкусат печен смоларски костен, кој се печеше на лице место, а се продаваше и свеж костен собран од планината Беласица. Парите од продажбата на костени ќе бидат донирани на КУД „Јане Сандански“ од Ново Село за да си обезбедат народни носии и потребна опрема и реквизите за своите настапи. Тие денеска беа дел од културно-забавната програма на „Костенијадата“, заедно со познатата музичка ѕвезда Андијана Јаневска.
„Овде имаме гости би рекол од сите краеви на Македонија и тоа е добро, и тоа е добро кога ќе има вакви настани кога ќе можат луѓето да се дружат да поминуваат некое време заедно и добро ете јас со своето присуство само покажувам колкава е поддршката од страна на Владата, посебно на овие настани и ги охрабрувам вака да продолжат, но и воедно за мене претставува можност заедно со градоначалникот на Општина Ново Село, заедно со градоначалникот на Општина Босилово и останатите што се тука присутни градоначалници од општините да разговарам и за оној проект којшто го туркаме како Влада, којшто заврши“ – кажа премиерот Мицкоски.
Инаку, целта на манифестацијата е презентација на повеќе производи направени од надалеку познатиот смоларски костен, но и на други локални производи, пијалоци, рачни изработки и други кулинарски вештини и етнолошки вредности карактеристични за ова поднебје.