Со промоција на новиот стручен штаб, сениорски состав на ФК „Академија Пандев Брера Струмица“ ги почна подготовките за новата првенствена сезона. Тимот ќе го предводи Џовано Валенти кој денеска ја имаше и првата прозивка и тренинг со фудбалерите на „Брера Струмица“ на комплексот СРЦ „Пандев“.
Станува збор 47-годишен тренер кој доаѓа од младинскиот погон на ФК „Парма“ Италија, а има работено и со младинските категории на „Јувентус“, „Бреша“ и „Милан“. Валенти беше и две години помошник тренер на младинските репрезентации на Италија до 19 и 20 години. За негов помошник ангажиран е 56-годишниот Микеле Кавали, кој во својата кариера има работено во „Шахтјор“, „Сасуоло“ и „Јувентус“, додека тренер на голманите на сениорите е Алесандро Пегорари, кој работеше со младинските категории во „Парма“.
„Ќе дадеме се од себе за да ја донесеме овде нашата идеја, нашата филозофија. Сакаме да се игра добар фудбал, добар стил на фудбал. Ние сме млад тим имаме доста млади играчи, но тоа ми се допаѓа и најважната работа во моментот е да им се помогне да пораснат да се подобрат и потоа да видиме што може да се направи за да ги вклучиме во првиот тим“, кажа Валенти во својата прва изјава во Струмица.
Како што е познато пред почетокот на новата сезона „Академија Пандев Брера Струмица“ го ангажираа дефанзивецеот Стефан Наумчевски, а за наредните денови најавуваат да пристигнат уште неколку нови засилувања. Идејата е годинава да се даде простор и можност на фудбалерите од сопствените погони.