Тројца наставници од општинското основно музичко училиште „Боро Џони“ од Струмица се закитија со титулата „Најдобар наставник“ на 7-та Регионална Конференција на наставници и директори од поранешна Југославија – „Светот на образованието ги брише границите“, која од 28 ноември до денеска се одржува во Велика Горица, Хрватска.
Васко Пиличев, Ана Тимова и Костадинка Ончева се најдобрите наставници, од 21-те наградени во конкуренција на над 200 учесници – наставници од Хрватска, Словенија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Србија и Македонија, а за најуспешен директор беа наградени само двајца од регионот, меѓу кои е и директорката на струмичкото музичкото училиште, Клара Патарова.
Како што не информираше директорката Патарова, Конференцијата започна со Саем на образование на кој секое училиште се претстави со свое креативно катче. Билјана Костуранова, Душко Филев, Нада Каркалашева и Милка Ганчева беа одговорни за креативноста и изгледот на штандот на Музичкото училиште „Боро Џони“ Струмица.
На пленарните предавања на тема: „Влијанието на лидерот во мотивацијата на наставниците и учениците“ говореше Клара Патарова, а по излагањето имаше видео запис со презентација за музичкото училиште.
Беа одржани и шест креативни работилници на кои професорот Васко Пиличев беше дел на една од нив. На свој посебен начин ја поврза музичката уметност со хемија и ликовна уметност, а со видео презентација беше претставен и градот Струмица.
Најважна цел на конференцијата е да поттикне регионално вмрежување на најдобрите едукатори, наставници, професори, стручни соработници, но и директори од земјите на поранешна Југославија, со цел нивната работа и креативност да бидат видливи. Иновативната работа на овие наставници е двигател и иницијатор на формални образовни реформи на кои се повикуваат сите земји во регионот.
Инаку, Здружението на најдобрите наставници е мрежа формирана од висококвалитетни лидери од образованието, подготвени да ги соберат околу себе сите ентузијасти и лидери на наставници од сите земји од областа на Југоисточна Европа, подготвени да ги здружат силите за да афирмираат и мотивираат друго добро. Наставниците, всушност, сакаат да ја променат сликата за образованието во овој дел од светот.