Струмичкиот Народен театар во својата програма за месец февруари најавува дека на 9-ти овој месец (четврток) од 20:00 часот на сцената во Центарот за култура „Антон Панов“ во Струмица ќе биде изведен танц перформансот „Shchwindel” – „Вртоглавица“.
Кореографијата е на Тобиас Драгер од Хамбург, Германија, за сценографијата се погрижи Мартин Манев, а ќе настапат танчерите Дејан Битровски, Теодора Ежовска, Сара Тасевска, Нина Петрушевска, Илина Костовска и Елена Стојкоска. Костимите ги изработија Антонија Гугинска Јорданоска и Маја Ѓуреска. Продукција: Платформа Битрикс – Битрикс Културно-уметнички Центар во соработка со Младински Културен Центар и КСП „Центар Јадро“.
„Shchwindel” е термин на германски јазик кој има двојно значење, и тоа „измама“ и „вртоглавица“.
„Идејата за името на овој перформанс доаѓа од заинтересираноста на кореографот да ја адресира појавата на вртоглавица и исцепреност како последица на брзиот начин на животот со кој се соочуваме денес. Така, овој перформанс се занимава со истражување на тоа како луѓето се справуваат со разни емоционални и животни фази, разни состојби, справување со очај, повреда, ранливост на физичко и емоционално ниво, но, и со тоа како се преминуваат границите помеѓу овие. Во рамките на работниот процес, кореографот ги предизвика танчарите со вртоглаво патување, а насочено кон истражување на сопственото тело и сопствените граници и анализа на последиците од нашето општество во однос на справувањето со болестите и стареењето. Ги отсликува различните состојби на телото и умот, индивидуалната конфронтација со ранливост и самоизложеност, а повикува на градење доверба со себе и со останатите и истрајност“.
Проектот е поддржан од Амбасадата на Швајцарија и Агенцијата за развој и соработка на Швајцарија во земјава.