Претседателот на ОО на СДСМ во Струмица, Борче Цветков предновогодишно денеска заедно со негови партиски соработници од името на Општинската организација поделија 100 пакети со прехранбени производи и средства за лична хигиена на исто толку семејства од социјално ранливите категории во општина Струмица.
„Празниците се ближат, се зголемуваат чувствата на радост и среќа. Убаво е да ги споделуваме и заедно да се радуваме. А уште поубаво е кога во овие последни денови од старата година не ги забораваме и нашите сограѓани на кои им е потребна нашата помош за да можат и тие да ја почувствуваат убавината на празниците“, вели Цветков упатувајќи новогодишна честитка и порака до сите негови сограѓани.
„Да се сакаме и почитуваме, да си помагаме и да бидеме едни покрај други и во добро и во зло. Да сме здрави и живи. Да ни е среќна и бериќетна годината што доаѓа“, напиша Цветков во новогодишната порака.
Претседателот на ОО на СДСМ Струмица, Борче Цветков денеска ги посети и штитениците во Заводот за заштита и рехабилитација „Бања Банско“ во селото Банско.
„Во претпразнична и опуштена атмосфера си поразговаравме на повеќе теми и си посакавме многу здравје, среќа и почести средби во Новата 2024 година. Да не си ги забораваме пријателите, тие се наше богатство. Да ги заборавиме поделбите и разликите, да бидеме посплотени и посреќни сите заедно во годината којашто ни доаѓа“, вели Цветков.