Кабинетот на градоначалникот Костадин Костадинов денеска беше полн со жени претприемачки, се договараат за формирање Совет за женско претприемништво на општина Струмица.
На средбата разговараа за нивните претприемнички приказни, искуствата и нивниот ентузијазам да ги споделат и поттикнат жените коишто сакаат да започнат свој бизнис.
Градоначалникот Костадинов им ја даде поддршката, бидејќи, како што вели тој, родовата еднаквост во економскиот развој на Струмица е негово изборно ветување и приоритет во неговиот градоначалнички мандат.
Советот ќе има за цел да креира програми и создава можности за финансиска поддршка на жените претприемачи, но и да креира стимулативни програми за започнување на нови бизниси за жените, нивно вмрежување и промоција на пазари.
На состанокот со жените претприемачки присуствуваа и советниците од Советот на општина Струмица Лилјана Коцева од ВМРО-ДПМНЕ, Ице Беличев од СДСМ и Ѓорги Танушев од „Стига е“.