Во недела стартува новата првенствена сезона, а ждрепката посака во првото коло „Брера Струмица“ да се соочи со тимот на „Вардар“ од Скопје. Натпреварот ќе се игра на теренот на СРЦ „Пандев“ во Струмица со почеток во 17:00 часот, кога струмичкиот тим ќе се обиде со победа да ја отвори новата натпреварувачка сезона.
Во пресрет на утрешниот натпревар и стартот на новото првенство прес конференција денеска одржаа Горан Пандев, претседател на клубот, Александро Алеоти, член на Управниот одбор на „Брера холдинг“ и Џовани Валенти, шеф на стручниот штаб на ФК „Брера Струмица“.
Подготовките поминале во најдобар ред и речиси сите фудбалери стојат на располагање за премиерата во новата првенствена сезона.
„Голема е честа што првиот натпревар ќе го играме со „Вардар“ кој е тим со многу титули и навивачи. Ќе играме офанзивен фудбал. Сакам струмичани да ја наполнат трибината и да ја видат нашата нова фудбалска филозофија и приказна. Нашата идеја е да го имаме поседот на топката, да нападнаме и да играме на гол повеќе. Ние 30 дена тренираме за овој натпревар и се надеваме дека утре ќе славиме“, кажа Валенти.
Претседателот на клубот Горан Пандев вели дека од утре треба да стартува и дологонајавуваниот проект за кој се надева дека ќе биде успешен, најави за уште две засилувања во нападот.
„За нас почнува нова сезона, нов проект. Се надеваме ќе биде успешен. Подготвени сме, веќе еден месец играчите работеа напорно. Имаме нов стучен штаб, екипата се засили со 4-5 играчи, а во преговори сме со двајца напаѓачи. Се надевам следната седмица ќе ги промовираме и ќе се комплетираме. Чест ни е што со „Вардар“ ја отвораме сезоната, бидејќи тие се најголемиот фудбалски бренд“ – кажа Пандев.
Ова прес конференција е и покана до сите симпатизери на „Брера Струмица“ и љубители на фудбалот да бидат дел од новата фудбалска приказна.