Поетесата, раскажувачка, есеистка, лекторка и преведувачка, родум од село Бориево, струмичко, Виолета Танчева – Златева во Градската Уметничка галерија во Струмица ја промовираше книгата насловена „Раскази од минатиот век“.
Виолета Танчева – Златева во најновото нејзино дело опфаќа интересни теми од животот, нашите надежи, нашите стравови, говори за потрагата по смислата на животот и сето тоа го прави на едноставен и приемчив начин за читателот.
Потеклото, коренот, селската (не)идила, градската сцена, растењето, мајчинството, љубовта, ранливоста на човечкото битие, заборавот, сеќавањето, судбината на жената, животот како пат без станица за одмор – се само дел од темите што авторката ги обработува на автентичен начин, ненаметливо, емпатично и во духот и на старата македонска книжевна класика, но и во дослух со новите наративни пристапи на раскажување.
„Раскази од минатиот век“ содржи 30 раскази, уредно и систематизирано, речиси симетрично, подредени и поделени на еден пролог, четири групи по седум раскази и еден епилог. Секоја од четирите групи, пак, има свој наслов: првата е „Меѓу сонот и јавето“, втората „Лица и наличја“, третата „По нишките на детството“, а четвртата „Егзистенцијалистички“.
Промоцијата на книгата беше во форма на книжевен разговор со авторката, а го водеа д-р Ана Витанова-Рингачева и Сузана Мицева, самата публика имаше можност да се вклучи со свои прашања и размислувања.