Пред споменикот „Македонија“ во големиот градски парк во Струмица се одржа чествување на ликот и делото на вториот македонски претседател на Република Македонија, Борис Трајковски, кој загина во авионска несреќа во близина на Мостар, Босна и Херцеговина.
„Клучна беше неговата улога во 2001 година кога со мудра одлука и негово авторство на Охридскиот рамковен договор ги спречи понатамошните крвопролевања од воениот конфликт, кој се закануваше да прерасне во стравична војна од пошироки размери, налик на оние од другите простори на поранешна Југославија“, кажа меѓу другото во своето обраќање градоначалникот на Струмица, Костадин Костадинов, потсетувајќи дека неговите државнички активности беа насекаде препознаени и високо вреднувани од меѓународната јавност, меѓи кои беше и титулата „Почесен витез“ од англиската кралица Елизабета Втора во 2002-та година.
Рецитал за претседателот Борис Трајковски одржаа членови на Домот за деца и млади „Благој Мучето“ од Струмица, а свежо цвеќе пред споменикот изграден во чест на претседателот Трајковски положија членови на семејството Трајковски, градоначалникот Костадинов и членови на Советот на општина Струмица, претставници на Владата, од Сојузот на борците, претставници на политичките партии СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ.
Традиционално, секоја година на годишнината од загинувањето на претседателот Борис Трајковски, членови на Унијата на жени при ОК на ВМРО-ДПМНЕ во Струмица, спроти споменикот „Македонија“, заедно со претседателот на струмичкиот комитет, Жан Дрвошанов засадија дрвце.