Синоќа во организација на Здружението за промоција на италијанскиот јазик и култура „Quo Vadis Ad Astra“ од Струмица, а со поддршка на „Струмица Опен фестивал“, како дел од оваа манифестација се одржа Италијанска вечер.
Под големиот јавор во малиот градски парк, во прекрасен амбиент создаден од организаторите, со вкусни италијански слатки подготвени од учениците од угостителската струка при СОУ „Димитар Влахов“, изведбата на италијанска поезија со Мариета Дикиќ, Сузана Мицева и Ана Витанова Рингачева, и романтичниот глас на Павле Камилоски со прекрасната интерпретација на италијански песни, на кој му се придружи и детското хорче од музичкото училиште „Боро Џони“, уживаа струмичани, но и гостите кои дојдоа од италијанската амбасада предводени од амбасадорот Андреа Силвестри. Тука беше и интернационалната ѕвезда, струмичанецот Горан Пандев, кој долги години играше во најпознатите италијански фудбалски клубови. Беше и Викарниот Епископ Стобиски г.Јаков, пратеници, биснисмени, претставници од невладини организации.
Градоначалникот на Струмица, Костадин Костадинов кажа дека е горд што токму Струмица е домаќин на оваа манифестација во годината во која се одбележува 30-годишнина од воспоставувањето дипломатски односи меѓу двете земји. Амбасадорот на Италија, Андреа Силвестри и додели орден Витез од редот „Ѕвезда на Италија“ од претседателот на Република Италија на Дафина Иванова Пандева, организаторка на многу настани поврзани со Италија, а за посебни заслуги за афирмација на италијанската култура во Македонија.