На 10 декември 2025 година, петмина од седумчлената македонска алпинистичка експедиција успешно го искачија највисокиот вулкански врв во светот – Ојос дел Саладо, со височина од 6.893 метри надморска височина, сместен на планинскиот масив Андите во Чиле, Јужна Америка.
Меѓу искачувачите беше и Никола Матушко, член на Планинарскиот клуб „Ентузијаст“ од Струмица, со што овој голем спортско-алпинистички успех доби и силен струмички белег.
Другиот член на клубот „Ентузијаст“, Благој Ѓузелов, го прекина искачувањето на височина од околу 6.500 метри надморска височина поради здравствени причини, при што безбедноста и здравјето беа ставени на прво место.
Овој подвиг претставува уште еден доказ за високата подготвеност, истрајност и посветеност на македонските планинари, кои со огромна желба и страст се соочуваат со екстремните и безмилосни услови на големите планински височини.
Од Планинарскиот клуб „Ентузијаст“ Струмица упатија честитки до членовите на експедицијата за вложениот труд и успешно реализираниот историски искачувачки потфат.





























