Во сабота, 10 јуни во 17:00 часот во Уметничката галерија „Круг“ во Крџали, Република Бугарија се отвора ликовната изложба „Реминисценции“ на уметникот Марјан Ѕингаров од Струмица по повод потпишувањето на Договорот за збратимување помеѓу општина Карџали, Бугарија и општина Струмица, Македонија. Ова е последниот настан од годинешната програма на Иницијативата „Мултикултурен град“ и тој уште еднаш ги става вредностите на дијалогот и меѓукултурната интеракција во фокусот на граѓанските интереси заради заедничката европска иднина.
Договорот за збратимување помеѓу општините Крџали и Струмица, кој го потпишаа двајцата градоначалници Хасан Азис и Костадин Костадинов на 27 април, е успешен модел за деполаризација на „црно-белото“ меѓу нашите две земји, со цел да се деблокира процесот на европска интеграција на Македонија.
Уметноста е независна и инспиративна алатка за дијалог, а во рацете на уметниците како Марјан Ѕингаров, кој во 2022 година ја доби наградата на Општина Струмица за особен придонес во областа на културата и уметноста, има потенцијал да ја стопи секоја граница и да се градат мостови и таму каде што сите се убедени дека теренот е непрооден.
Изложбата „Реминисценции“ од 7 март до 3 мај годинава беше поставена во Македонскиот културно-информативен центар во Софија и беше проследена со огромен интерес од софиската публика.
Марјан Ѕингаров е роден во Струмица во 1976 година, магистрирал на катедра Плакат и визуелна комуникација во 2005 година на Националната ликовна академија во Софија и повеќе од 20 години живее и твори во Бугарија. Покрај самостојните и групните изложби во Бугарија, Македонија и Романија, тој има учествувано и на десетици групни изложби во Грција, САД, Англија, Шпанија, Швајцарија, Италија и Чешка…