Денеска се навршуваат 79 години од ослободувањето на Струмица. Овој најголем празник за струмичани беше одбележан со пригодна свеченост којашто се одржа на Спомен костурницата.
За историското значење на овој ден и за придобивките што тој на градот му ги донесе во изминатите 79 години, пред присутните на одбележувањето говореше градоначалникот Костадин Костадинов.
„Слобода“, тоа не е само обичен збор напишан на хартија или едноставно изговорен. Слобода е нешто многу повеќе од тоа. Тоа е нешто што треба да се чува како најголемо и најдрагоцено богатство. Струмица и струмичани треба да бидат среќни што ја имаат таа слобода цели седум децении и девет години. Но Струмица и струмичани треба да знаат и дека таа слобода не паднала од небо, ниту пак некој туку така им ја подарил. Струмица и струмичани мора да ги повторуваат спомените од минатото кои велат дека таа слобода во наше име некои ја извојувале, со непокор, верба, љубов и пролеана крв“, кажа Костадинов.
Градоначалникот Костадинов во свое лично име и во името на општината, со полагање свежо цвеќе им оддаде почит на загинатите борци, а цвеќе положија и претставници на институции, организации и политички партии.
Во чест на празникот, се одржа и мал револуционерен митинг од членовите на рецитаторската секција при Домот за деца и млади „Благој Мучето“.