Во 1974 година, пред точно 50 години во Струмица бил формиран Фудбалски клуб „Бирлик“ во кои членувале припадници на турската заедница во општина Струмица, а самото име во превод значело „единство“ – збор кој на најубав можен начин го одразувало единството кое владеело во градот Струмица помеѓу граѓаните од различна етничка припадност. По „Беласица“ и „Тиверија“, „Бирлик“ бил трет клуб во Струмица.
На 50-годишнината од основањето на овој клуб на иницијатива на Борче Цветков, Марјан Даскаловски и поранешни играчи на „Бирлик“, синоќа во Домот на АРМ во Струмица се одржа средба на сеќавања за почетоците и успесите на овој струмички фудбалски клуб кој не постои повеќе од 25 години.
„Денес сите заедно споделуваме убави емоции поради одбележувањето на една исклучително важна годишнина од историјата на струмичкиот спорт. Да, тоа навистина е спортска историја, но и многу повеќе од тоа, затоа што зборува за успешното интегрирање на нашите турски сограѓани во севкупното живеење на нашата заедница. Тоа значи дека уште многу одамна, Струмица овозможувала слободна афирмација и популаризација на вредностите, активностите и стремежите на жителите од „турското маало“ на сите можни полиња, па така и на спортски план“ – кажа Борче Цветков кој заедно со Даскаловски, како претседател на Советот на општина Струмица и поранешни играчи и тренери на „Бирлик“ ја покренаа иницијативата за повторно основање и регистрација на ФК „Бирлик“ Струмица.
Фудбалерите на „Бирлик“ натпреварите ги играле на помошното игралиште до Градскиот стадион. Според сеќавања на постари граѓани кои беа на средбата за 50 години од основањето на ФК „Бирлик“, фудбалерите играле многу атрактивен фудбал, па со начинот на играњето наликувале на бразилски фудбалери. Нивните атракции биле причина натпреварите на „Бирлик“ да ги следат многу гледачи, не само од турското маало, туку љубители на спортот од целиот струмички регион.
Иницијаторите на средбата, на некогашните фудбалери на „Бирлик“ им доделија благодарници во знак на сеќавање на оваа годишнина, а вакви благодарници добија и семејствата на починати поранешни фудбалери, со желба дека ќе се возобнови овој фудбалски клуб и ќе се допишува историјата за „Бирлик“, за луѓето кои биле дел од клубот, но и за успесите кои ќе следуваат со нови и млади фудбалери.