Во организација од Федерацијата на училишен спорт на Македонија, а чиј домаќин и коорганизатор е Општинскиот сојуз на училишен спорт – Струмица, денеска во спортската сала на СОУ „Димитар Влахов“ свечено беше отворено Државното првенство во пинг-понг за средни училишта во машка и женска конкуренција за натпреварувачката и учебна 2022/2023 година, на кое учествуваа 40-тина натпреварувачи од 20 средни училишта во Македонија.
Државното првенство го отвори претседателот на Советот на општина Струмица, Марјан Даскаловски кој ги поздрави организаторите и учениците нагласувајќи дека сите млади пингпонгарки и пингпонгари ќе покажат на дело се што знаат и умеат во овој спорт, а со тоа љубителите на пинг-понгот ќе уживаат во квалитетни мечеви.
„Тоа се разбира го јакне спортскиот натпреварувачки дух, но исто така е важно да се спријателувате меѓусебно и тоа пријателство да го негувате и надградувате во иднина“ – им кажа Даскаловски на младите натпреварувачи од 15 општини во Македонија.