И годинава, во организација на Центарот за култура „Антон Панов“, а во соработка и со поддршка од Општина Струмица и Православната Струмичка Епархија, ќе се одржи 13. издание на Фестивалот на Источно црковно пеење. Настанот е закажан за сабота, 22 ноември, со почеток во 18:00 часот, во големата сала на Центарот за култура во Струмица.
Фестивалот претставува едно од најзначајните духовно-музички случувања во регионот, посветено на негувањето на православната литургиска традиција и византиското пеење како специфичен облик на духовна уметност.
На годинашното издание ќе настапат реномирани состави познати по својата долгогодишна традиција и автентично изведување на источното црковно пеење:
- Машки хор „Св. Партениј Зографски“
- Машки византиски хор „Св. Нектариј Битолски“
- Женски хор „Смирна“
- Ансамблот „Калистрат Зографски“
Организаторите најавуваат вечер исполнета со духовност, молитвен тон и исконски звуци што го пренесуваат духот на древната црковна традиција. Влезот е слободен за сите љубители на духовната музика и културните настани.





























