На четиринаесет дена пред дочекот на Новата 2026 година, Струмица сè уште е без новогодишно украсување, за разлика од поголем дел од градовите во Македонија, каде празничната атмосфера веќе е видлива на плоштадите и главните улици.
Во изминатите денови, бројни општини низ државата веќе ги осветлија градските јадра, поставија новогодишни елки и декоративно осветлување, а дел од нив започнаа и со предпразнични настани, концерти и детски програми на градските плоштади, привлекувајќи голем број посетители.
За разлика од нив, во Струмица засега нема поставено празнична декорација, ниту пак е објавена програма со новогодишни содржини на отворено. Иако за оваа година беше распишана јавна набавка за новогодишно украсување, на 10 декември избран е изведувач, фирмата ДПТУ „ЛИНК МЕДИА ПЛУС“ ДООЕЛ Скопје, која за сума од 3,5 милиони денари треба да го украси градот, до денеска на терен нема видливи активности.
Засега нема официјална информација ниту од ЈП „Паркиралишта Струмица“, кое е задолжено за спроведување на јавната набавка, ниту од Општина Струмица, кога ќе започне украсувањето и кога градот ќе добие новогодишен амбиент, а до дочекот на Новата година, остануваат уште само две недели. /Р.Ѓ./





























