Вработените во Средното општинско училиште „Јане Сандански“ во Струмица, денеска одбележаа 108 години од смртта на патронот Јане Сандански, кој загина 22 април 1915 година.
Пред бистата на патронот во училишниот двор на струмичката гимназија говореше директорката Невенка Стојанова, потенцирајќи дека тие се горди на великанот чие име гордо и одговорно го носи училиштето.
Стојанова читаше извадоци од книгата на д-р Александар Литовски – „Пофална епистола за Јане Сандански и санданизмот“, истакнувајќи дека делото на Јане Сандански е вистинската одбрана на Македонија од негаторските политики, а неговите ставови и размислувања биле толку визионерски, што голем дел од нив се актуелни и лесно применливи и во денешното политичко опкружување во регионот.
За каква маркантна фигура станува збор, можеме да видиме и од кусата биографија која рускиот писател и публицист Василиј Водовозов (Василий Васильевич Водовозов), ќе ја напише за Јане Сандански по неговото убиство. Во неа меѓу другото пишува:
„Јас повеќе пати сум се среќавал со Сандански во различни моменти од неговиот живот. Малкумина луѓе на Балканскиот Полуостров ми имаат оставено таков силен, таков целосен и таков длабок впечаток каков што ми има оставено овој поборник за македонската независност. Од него зрачеше најпотполна храброст, самоконтрола, и огромна, непоколоеблива енергија. Се чувствуваше дека со својот тивок, длабок глас, тој умее да дава наредби, кои во критичните моменти никој не се решаваше да не ги исполни. Неговото огромно честољубие беше совршено видливо… Макар што му недостигаше што годе сериозно образование, тој беше човек со голем ум, со превосходно познавање на Македонија и македонскиот народ, и со истенчено чувство да се ориентира во политичките прашања на секој даден момент. Сред македонското селанство, Сандански уживаше огромна популарност“…
На малата свеченост пред бистата на Јане Сандански, освен вработените во оваа училиште свежо цвеќе положија и градоначалникот Костадин Костадинов и претседателот на Советот на општината Марјан Даскаловски, од Сојузот на борците и нивни поддржувачи.
По повод патрониот празник на СОУ „Јане Сандански“ вечерва од 20:00 часот во Центарот за култура „Антон Панов“ во Струмица ќе биде изведен драмско-музички перформанс насловен „Пролетна љубов во септември“ во изведба на ученици од ова училиште.