На 15.11.2023 година од страна на Одделот за криминалистичка полиција, Сектор за недозволена трговија со дрога, оружје и опасни материи, Регионалниот центар Исток и СВР Струмица во координирана акција со Службата за борба против дрога од градот Килкис, Грција, спречен е транспорт на 85 килограми марихуана и притоа во Република Северна Македонија лишени се од слобода четири лица, додека во Република Грција е распишана потрага по едно лице грчки државјанин.
На 15.11.2023 година во претпладневните часови од страна на полициски службеници на РЦ Исток биле забележани во движење лица со трактор и едно лице со моторцикл на планината Беласица, кои се упатиле во правец на државната граница помеѓу двете земји. Под сомнение дека лицата со тракторот преземаат нелегални активности односно пренесуваат наркотична дрога веднаш бил известен Одделот за криминалистичка полиција, Сектор за недозволена трговија со дрога, оружје и опасни материи од чија страна е стапено во контакт со надлежната служба во Република Грција.
Како резултат на заедничките координирани активности помеѓу македонските и грчките служби на територијата на Грција околу 13:00 часот по преземени мерки од страна на полициските служби од Килкис, Грција било лоцирано патничко возило со грчки регистерски ознаки, во кое при преглед од страна на полициските службеници од Грција биле пронајдени и запленети 54 најлонски пакети кои содржеле вкупно 85 килограми канабис.
Во исто време, од страна на полициски службеници од СВР Струмица и РЦ Исток преземени се мерки и откако се утврдени лицата кои биле инволвирани во наведениот транспорт на марихуана лишени се од слобода М.Р.(34) од Струмица, С.Р.(29) од Струмица, Г.Х.(33) од Струмица и Ј.И (38) од Струмица. На 16.11.2023 година од страна на СВР Струмица поднесена е кривична пријава против наведените лица до Основно Јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција Скопје.