Веќе петти ден жителите на селото Куклиш се без вода за пиење, на почетокот поради технички проблеми на Трафостаницата на ЕВН која ја напојува со струја Пумпната станица која служи за водоснабдување на Куклиш, но по решавање на овој проблем настана друг проблем, односно дефект на главната пумпа за водоснабдување на оваа населено место.
Од ЈПКД „Комуналец“ Струмица вечерва со соопштение до жителите на Куклиш за новонастанатиот проблем.
„Со отстранување на проблемот со струјата утврдено е дека главната пумпа е надвор од употреба. Во раните утрински часови екипи на ЈПКД „Комуналец“ извршија демонтажа на пумпата за вода која е вон употреба и монтажа на нова пумпа со нов мотор, но водоснабдувањето на населеното место Куклиш не се реши. Извршена е итна порачка на друга нова пумпа која се очекува да пристигне за 2 до 3 дена со која очекуваме водоснабдувањето во населеното место Куклиш да се врати во нормала“ – соопштија од струмичкото комунално претпријатие.
Од таму најавија дека од утре (четврток, 12 септември), се до нормализирање на водоснабдувањето на Куклиш, пред основното училиште од 08:00 до 10:00 и од 14:00 до 16:00 часот, ќе биде поставена цистерна со техничка вода, која не е за пиење, а ќе може да се користи за потребите на домаќинствата.