Струмичкиот театар „Антон Панов“ на 19 април (петок) ќе го одбележи големиот јубилеј – 75 години постоење, односно од основањето на овој театар на 1 мај 1949 година кога е изведена драмата „Бегалка“ од Васил Иљоски во режија на Димитар Колчаков. Тој ден се смета за годишнина од основањето на театарот.
Подготовките за неговото основање започнуваат на крајот на 1948 година, кога локалната самоуправа во Струмица донесува одлука за формирање театар и дозвола за изградба на театарска зграда. Градски народен театар – Струмица е првиот професионален театар основан во Источна Македонија. Театарската зграда, денес позната како Стариот театар, е изградена на улицата „Боро Џони“ во централното градско подрачје, во близина на некогашното кино „Балкан“.
По повод големиот јубилеј во петок во 19:30 часот во фоајето на Центарот за култура „Антон Панов“ ќе биде отворена Изложба на фотографии од Сречко Гунчев насловена „75 години НТ „Антон Панов“, а во 20:00 часот премиерно ќе биде изведена претставата „Црна дупка“ од Горан Стефановски во режија на Љупчо Ѓоргиевски.