Веќе докажаните млади пијанистки од Струмица, кои редат успеси на разни натпревари и концерти низ Европа, сестрите Ивана и Ана Мазнејкови, денеска во Скопје со Македонската Филхармонија го изведоа концертот за деца „Зоолошката градина наречена Земја“, делото од композиторот Камиј Сен Санс – „Карневал на животните“, а под диригентство на Ангел Спироски.
„Извонреден настап на Ивана и Ана Мазнејкови на денешниот концерт за деца. Концертот е за деца, но Ивана и Ана покажаа голема зрелелост, професионалност, техничка и музичка подготвеност“ – напиша професорот по пијано од штипското средно музичко училиште, Славче Величков.
Македонската Филхармонија секоја година организира концерт за деца. За оваа година институцијата ги покани Ивана и Ана како солисти. Тие се првите деца солисти поканети на ваков настан. Досега концертите биле оркестарски или евентуално со кратко дело за солист, кој доаѓа од редот на членовите на оркестарот.