Со засадување на нови садници на тротоарот на булеварот „Ленинова“ пред зградата на Судот, денеска во Струмица започна обновувањето на дрворедите.
Првите садници ги засадија градоначалникот Костадин Костадинов, членови на Советот на општина Струмица, Младинскиот совет и средношколци од трите средни општински училишта.
Како што кажа градоначалникот Костадинов целата иницијатива започнала заедно со Катја и Филип при реализацијата на велосипедската патека.
„Знаевме дека имаме и непланско насадени дрвца и растенија коишто не беа компатибилни за дрвореди и правеа штети и на тротоарите и на улицата и истите моравме да ги исечеме. Но, направивме многу добар договор со Катја, Филип и со сите средношколци да на секое исечено дрво се засадат 10 нови, но не во планина, туку долж булеварите во општина Струмица, тоа и се случува. Во денешното садење имаме 150 растенија коишто имаат корен што не се шири, туку оди централно кон земјата и ќе бидат компатибилни со инфраструктурата во општина Струмица“ – кажа Костадинов.