Голем број екоактивисти од општините Струмица, Василево, Босилово и Ново Село во соработка со задруженија и невладини организации, а со поддршка на општините од струмичкиот регион, денеска ги исчистија ридовите и излетничките места во нивните општини. Еко акцијата под мотото „Чисти ридови за сите“ се организираше по трет пат на иницијатива на Велосипедскиот клуб „Актив” од Струмица.
Струмичани кои учествуваа во ова акција ги исчистија патеките кои водат од Ловен дом до манастирот „Свети Илија“, патеката „кај лозињата“ до местото Чамчифлик и кај Споменикот од НОБ во близина на Раборци.
Во општина Василево се собираше ѓубрето, односно акцијата „Чисти ридови за сите“ се реализираше кај браната Турија.
Во општината Босилово се чистеше на локалитетот Хамзали, покрај манастирот и околу браната „Иловица“, кај Моноспитско блато и покрај реката Струмица.
И жители од општина Ново Село се вклучиња во ова еко-акција која се реализираше кај браната „Новоселка“.
Во акцијата „Чисти ридови за сите“ се приклучија и комуналните претпријатија „Комуналец“ од Струмица, „Турија“ од Василево, „Огражден“ од Босилово, „Комуна“ од Ново Село, кои со вработени и механизација помагаа во собирањето и транспортот на собраните ќеси со отпад до најблиските депонии.
„На природата и треба наша постојана заштита. Човештвото не мисли дека уништувањето на шумите, загадувањето на водата, уништувањето на животните доведува до смрт на природата. Дополнително, создавањето на мини депонии од страна на несовесните граѓани ја груби општата перцепција за тоа како треба да се однесуваме кон средината во која живееме“, велат организаторите.