СДСМ отвори Изборен штаб во Струмица, на плоштадот „Гоце Делчев“, веднаш до кафе барот „Que Pasa“. Го отворија лидерот на СДСМ, Димитар Ковачевски и претседателот на Општинската организација, Борче Цветков. Си посакаа успешна кампања за Претседателските и Парламентарните избори закажани на 24 април и 8 мај и победа со огромно мнозинство на гласови за нивниот претседателски кандидат Стево Пендаровски и кандидатите за пратеници во идниот македонски парламент. На отворањето покрај голем број членови и симпатизери беа и поранешниот премиер и лидер на СДСМ, Зоран Заев, поранешните министри Венко Филипче, Јована Тренчевска, градоначалникот на Струмица, Костадин Костадинов, како и генералниот секретар на партијата, Миле Зечевиќ Вардарски.
„Вечерва од овде сакам да упатам еден апел до сите наши членови, симпатизери и поддржувачи. Кога некој ќе ве праша, што оваа Влада предводена од СДСМ направи до сега, иако може да зборувате многу, може да зборувате за влезот во НАТО, за покачените пензии и плати, и за пристапните преговори во ЕУ, сепак кажете им само два збора: Оваа Влада предводена од СДСМ ги донесе двете најважни работи за секој од нас, а тоа се: Слободата и Демократијата“ – кажа претседателот на ОО на СДСМ, Борче Цветков.
Пред присутните на отворањето на Изборниот штаб се обрати и лидерот на СДСМ, Димитар Ковачевски говорејќи за придобивките што Владата предводена од СДСМ во изминатите 7 години ги направи за народот и за државата.
Ковачевски кажа дека ВМРО-ДПМНЕ предлага да се наведнат главите, да се чека во место, да не се прави ништо и да се откажеме од нашата европска иднина.
„Гледам дека кога ќе почнам да зборувам за ЕУ, некои луѓе негодуваат. Верувајте ми, јас ги почувствував неправдите од различни претставници на ЕУ повеќе од сите овде и знам како се чувствувате. Човек во тешки моменти помислува и на откажување. Но, што тогаш? Кој е следниот чекор? Која е алтернативата? Можеме да одложиме, можеме да се сокриеме, да чекаме во темница уште 11 години како во времето на Груевски и да загубиме многу. Токму ова го предлага ДПМНЕ. Да чекаме во место, да не правиме ништо, да се откажеме од нашата иднина. Тоа личи навидум лесно, ама на крајот цената ќе ја платиме прескапо. Ние, сегашните но најмногу идните генерации. Идните генерации, нашите деца не само што ќе жалат, туку и ќе ни се лутат што сме дозволиле да загубат години, да немаат светла иднина. Постои и друг начин. Не е лесен, но е пореален и дава вистинска надеж за суштински промени. СДСМ никогаш нема да се откаже од тој пат, затоа што тоа е вистинскиот пат кон подобра иднина. Знам дека знаете, единствениот вистински начин да ја промениме нашата земја на подобро зависи од континуираните реформи кои водат кон членство во ЕУ. Ова е единствената можна светла македонска иднина. Европската. Особено сега, кога дојдовме до последниот чекор. Затоа, ве гледам сите вечерва и ви велам, нема откажување, одиме до крај, до победа, за Европска Македонија“ – кажа претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски вечерва во Струмица.