Аспиратор FAZZINI F-40, 3 инхалатори Rossmax professional NB 500, билирубинска фототераписка ламба која се користи за лекување на неонатална жолтица кај предвреме родени и новороденчиња Löwenstein Medical, како и дигитална вага FAZZINI за мерење на најмалите во раната детска фаза е медициската опрема што денеска ја донираше Ротари клубот од Струмица на Одделението за Педијатрија при ЈЗУ Општа Болница Струмица со пари собрани на првата чартер донаторска забава на Ротари Клуб Струмица што се одржа пред еден месец во хотелот „Сириус“.
„Во консултација со раководството на болницата, сите членови на Ротари клубот одлучија донацијата да биде наменета за Одделението за Педијатрија. Списокот со неопходните апарати ни го доставија и ние ги набавивме. Ова нема да биде прв хуманитарен настан, впрочем визијата на Ротари клубот е да се подобрат условите во заедницата во која живееме“, кажа Силвија Левин од Ротари клуб Струмица.
Примајќи ја донацијата директорот на ЈЗУ Општа Болница Струмица, д-р Гоце Христов се заблагодари на ротарите и кажа дека опремата ќе биде во функција за подобрување на условите за работа и во функција на најмладите пациенти.
„Изразуваме голема благодарност до Ротари Клуб Струмица за нивната хуманост, поддршка и континуирана грижа за здравјето на децата во нашиот регион“ – кажа д-р Христов.