Синоќа беше промовирана дебитантската книга на струмичката поетеса Катерина Панов Кожаров – „Од ракописот на една жена“. Во сосема различен амбиент и простор од оној во кој поетите и писателите промовираат книга, во ресторан „Етерно“, пред огромен број на нејзини пријатели, но и љубители на убавиот пишан збор.
Таму двајца врвни светски писатели, но од Македонија, Венко Андоновски и Никола Маџиров говореа за книгата во која се напишани четириесет песни кои во себе го носат гласот на авторката Катерина Панов Кожаров, професорка по англиски јазик и книжевност во струмичката гимназија.
„Првото суштинско прашање на секоја голема поезија е поставено кај Кожаров во стилот на романтичарите и симболистите („проколнатите“ поети): да се пее, значи да се љуби, а да се љуби – да се умира. Тоа е максималистичкиот и најбескомпромисниот став кон поезијата низ целата историја на книжевноста: ако поезијата е умирање, таа е и живот. Поезија, всушност, не се пишува, туку се живее, вели оваа поетска филозофија која Кожаров ја усвојува. И чинот на дефинитивното умирање не е сврзан со слики на исчезнување, туку е повторно сврзан со љубов, а љубовта е вечна, не умира“ – кажа рецензентот на книгата „Од ракописот на една жена“, Венко Андоновски.
Поетот Никола Маџиров говорејќи за песните во книгата на Катерина вели дека нејзиниот немир кога пишува е дел од таа треперливост, тој немир не е војна, зашто мирот има своја негација меѓутоа е прекрасна, војната нема негација, лингвистичка, нема невојна, меѓутоа мирот си го има својот немир, и ние тој немир може да го претвориме во убавина, може да го претвориме и во војна.
„Зарем тоа што врбите толку често се појавуваат во поезијата на Катерина е случајно. Тоа е тој немир, трепет“ – кажа Маџиров.
По завршувањето на промоцијата публиката имаше можност да ја купи книгата, а парите да ги стави во донаторската кутија, кои Катерина Панов Кожаров ќе ги намени за доградба на Храмот „Успение на Пресвета Богородица“ на Струмичката Епархија преку Фондацијата „Елеуса“.