Претседателот Стево Пендаровски на церемонија во неговиот Кабинет го додели признанието „Успешни млади“ за 2021 година.
Признанието се доделува како поттик на научноистражувачката мисла и уметничката работа на младите во нашата држава, а во категоријата „Најдобра млада научничка во медицински науки“ е избрана д-р Гордана Георгиева од Струмица.
Во своето обраќање на церемонијата претседателот Пендаровски рече дека како припадници на новата генерација македонски интелектуалци, овие млади луѓе се дел од креативното малцинство кое има потенцијал да направи значајни пробиви во своите области.
„Овие успешни млади луѓе се позитивен пример за нивните врсници, но и за генерациите што допрва доаѓаат. Нивниот пат до успехот не е ни малку лесен, бидејќи бара време и посветеност во континуитет. И затоа од државата мора да биде соодветно награден и вреднуван. Имено, токму тоа е главната цел на признанието „Успешни млади“ – да ја поттикне научната, истражувачката и креативната работа на младите“, кажа претседателот Пендаровски.
Признанието „Успешни млади“ се доделува по трет пат за резултати постигнати во изминатата календарска година во областа на општествените, природно-математичките и техничките, хуманистичките и на медицинските науки, на млади со значајни достигнувања во уметничките и во културните практики, како и во категориите млади иноватори, таленти и успешни млади со попреченост.