Денеска на 93-годишна возраст почина Иван Станоев, долгогодишен спортски новинар, публицист и еден од најзначајните хроничари на спортската историја на градот и регионот. Со неговата смрт, Струмица загуби човек кој цели децении посветено ја бележеше, анализираше и документираше спортската стварност, оставајќи зад себе богато новинарско и книжевно наследство.
Иван Станоев е роден во 1932 година, а најголемиот дел од својот живот и професионална кариера го врза за Струмица. Како спортски новинар, соработувал со повеќе печатени медиуми, при што неговите текстови се одликуваа со прецизност, фактографска поткрепеност и длабоко познавање на спортските прилики. Посебно беше препознатлив по следењето на фудбалот и по неговата посветеност на локалните клубови, спортисти и спортски колективи.
Покрај новинарската работа, Станоев остави силен белег и како автор на повеќе книги, кои денес претставуваат вредна архива и документ за развојот на спортот во Струмица. Неговото авторско творештво опфаќа дела посветени на историјата и јубилеите на струмичките фудбалски клубови и спортот воопшто, меѓу кои книгите „60 години од ФК Беласица“, „Струмички спортски столетник 1912–2012“, „Девет децении ФК Тиверија 1923–2023“, „Еден век фудбал во Струмица и 95 години ФК Беласица“, како и монографијата „100 години ФК Беласица“, со која го заокружи својот долгогодишен истражувачки и публицистички ангажман.
За својот придонес во афирмацијата и зачувувањето на спортската историја, Иван Станоев беше почитуван од спортската и пошироката јавност, а неговата работа често служеше како извор и основа за понатамошни истражувања и новинарски прилози.
Со заминувањето на Иван Станоев, Струмица губи сведок и хроничар на едно цело спортско време, а неговото дело останува трајно запишано во колективната меморија на градот и македонскиот спорт.




























