Првите два од вкупно 20 полуподземни контејнери се поставени „кај чешмичката“ на влезот кон големиот градски парк во Струмица.
Станува збор за контејнери за мешан комунален отпад со капацитет од 5 метри кубни вдлабнати во земјата. Еден ваков контејнер заменува 5 метални стандардни контејнери, какви што ги има низ градот.
Конејнерите ги набави Општина Струмица преку јавното комунално претпријатие „Комуналец“, а како што најави градоначалникот на општина Струмица, Костадин Костадинов планирано е во буџетот за 2024 година да се набават уште 20 вакви контејнери за отпад.
Во наредните денови ќе бидат поставени сите контејнери на локации во градот, почетно во централното градско подрачје, потоа и на периферните делови во градот. Се размислува подземните контејнери да се поставуваат и во населените места на територијата на општина Струмица.
Според директорот на ЈПКД „Комуналец“, Зоран Ѓоргиев со полуподземните контејнери се олеснува собирањето и депонирањето на отпадот, бидејќи тие овозможуваат собирање на поголема количина отпад, заштитени се и нема да ја има таа грда слика со отпад околу нив како кај досегашните. Ѓоргиев вели дека со ваквото собирање ќе се релаксира еден дел од механизацијата на „Комуналец“ и ќе се пренасочи во деловите на градот каде што има класично собирање на отпадот.
Но засега веќе поставените два контејнери „кај чешмичката“ нема да бидат во функција, ставени се под клуч, бидејќи се уште нема специјализирано возило за подигнување на отпадот од овие контејнери. Во процес е јавна набавка на вакво возило и по завршување на сите процедури се очекува во почетокот на наредниот места да се обезбеди специјализираното возило.
Со ставањето во функција на овие контејнери ќе се заменат и исфрлат од употреба старите, дотраени и отворени контејнери кои претставуваат извор на непријатна миризба и го нарушуваат изгледот на централното градско подрачје.