Од Противпожарната единица на Струмица информираат дека попладнево околу 14:00 часот избувнал голем пожар на патот од Владевци кон Радовиш, од неговата лева страна, при што за кратко време зафатил дел од ниската вегетација и полскиот простор во близина на првите неколку куќи во селото.
„Поради сериозноста на ситуацијата, ТППЕ Струмица веднаш ангажира 28 пожарникари-спасители и 7 противпожарни возила кои во најкраток временски рок пристигнаа на местото на пожарот кој што потпомогнат од силниот ветер навлезе во неколку дворови и се закануваше да ги зафати првите куќи. Благодарение на брзата реакција на противпожарните тимови, не беше предизвикана поголема материјална штета, ниту имаше потреба од евакуација. Ситуацијата остана сериозна, бидејќи пожарот продолжи да се шири зад селото Владевци, по течението на реката, во правец кон селото Сушево, по огнена линија од околу 1 километар. Околу 20:00 часот пожарот е целосно ставен под контрола и изгаснат“ – стои во информацијата од ТППЕ Струмица.