Општина Струмица преку Територијалната професионална противпожарна единица – Струмица подава рака за погодените од катастрофалниот земјотрес во Турција. Осум пожарникари-спасители од ТППЕ Струмица, припадници на тимот за пребарување и спасување од урнатини (USAR тим), кој е во состав на републичките сили за заштита и спасување при Владата на Република Северна Македонија, ќе заминат во спасувачка мисија во пријателска Турција, со надеж и уверување дека ќе им помогнат на настраданите во земјотресот. Нашите пожарникари се специјално обучени за вакви непогоди и имаат искуство од земјотресот во Албанија, инфомираат од Општина Струмица.
Од Противпожарната единица на Струмица велат дека тимот од осум пожарникари-спасители, припадници на специјалниот тим за пребарување и спасување од рушевини (USAR), во моментот по добиена наредба за мобилизација од страна на Владата, се подготвува во секој момент да замине во ова спасувачка мисија.
„На сите граѓани од Турција и Сирија, особено на оние од погодените подрачја од земјотресот, им изразувам најдлабоко сочувство за големите човечки и материјални загуби. Нека е Господ со нив и сите човекољубиви луѓе на овој свет. Никогаш повеќе да не се повторат такви катастрофи“ – напиша градоначалникот на Струмица, Костадин Костадинов на својот Фејсбук профил.
Катастрофалниот земјотрес според последните официјални информации, однесе над 1.900 животи. Бројот на загинати во Турција порасна на 1.121, додека во Сирија има најмалку 810 мртви и се очекува трагичниот биланс да биде значително поголем.