Деби-албумот на македонскиот кантавтор и мултиинструменталист Иван Кукиќ од Струмица насловен „Sunday vibes“, објавен под закрилата на Croatia Records, својата скопска промоција ќе ја има утре (сабота, 23 ноември) во 13:00 часот во „АудиоКултура“.
Со промоцијата Иван подготвува и мал акустичен концерт со своите најблиски соработници.
Самиот албум содржи десет песни, од кои две се веќе промовирани како синглови со видео спот: „Балада за една љубов“ и „Друмови“.
Иван Кукиќ е авторот кој стои зад најголемиот дел од материјалот на албумот, кој го красат интересни соработки. Песната „Пружам руке две“ ја отпеа со Дадо Топиќ, „Sunday vibes“ со Влатко Стефановски, „Life of Jupiter“ со групата Јупитер, „Music philosophy“ со Теодоси Спасов, „Зрно наде“ со Сакис Доволис, а интересниот сингл „Балкан фанк“ е создаден во соработка со Џамбо Агушев и Јан Стефановски.
Иван Кукиќ, кој на јавноста и е познат како бас-гитарист во Триото на Влатко Стефановски, пред една година дипломираше музичка продукција и дизајн на звук, а по дипломирањето во Белград се стекна со титулата „Дипломиран уметник на повеќемедиска уметност“.
Иван свири на шест инструменти: гитара, тапани, пијано, контрабас и народни инструменти, компонира, аранжира и пее. Иако е многу млад, овој љубител на музиката често настапува низ регионот, а беше и дел од неколку меѓународни натпревари.