Од ЈЗУ „Општа Болница“ во Струмица информираат дека заврши реконструкцијата на Одделот за радиодијагностика, кој беше во многу лоша состојба, а во Службата за рентген дијагностика за прв пат е поставена нова современа дигитална опрема: Дигитален РТГ апарат, Дигитален мамограф и нов ултразвук за ехо на дојка.
„Со ова обезбедуваме загарантиран и безбеден процес на работа со најмодерен и современ метод, кој користи дигитални и електронски сензори и уреди за дигитално снимање кои целосно ќе го заменат традиционалниот метод со фотографски филм. Предноста и придобивката на дигиталните апарати се огромни, намалено зрачење, намалени трошоци поради елиминација на хемиски процесори како и елиминација на набавките на скапи рентген филмови, можност за зачувување на снимките како податок во компјутер и нивна обработка, како и можност за соработка за интерпретација на наодите со други здравствени установи. Поголем квалитет на снимките како и зголемена видливост на тешко забележливи фрактури и промени во меките ткива, како и промени во дојката со можност за подобрување на визуелизацијата, односно манипулацијата со сликата (зголемување, осветлување, затемнување) се со цел попрецизна дијагноза. Зголемена брзина на обработка на сликата. Поголем квалитет и ефикасност во работењето на Службата за РТГ дијагностика во нашата болница и можност за телемедицина и соработка за побрза дијагностика со други здравствени установи на повисоко ниво“, велат од струмичката болница.
Од ЈЗУ „Општа Болница“ Струмица потенцираат дека со новата опрема се заокружува процесот за сеопфатна современа дијагностика во болницата и продолжуваат да работат посветено се во интерес на пациентите, како и создавање подобри услови за работата на здравствените работници.