Новата Детската градинка „Среќни насмевки“ во Босилово конечено прими деца, по две години од кога беше комплетно готова. Во изминатите две години се чекаше на согласности за вработување на кадар, а веќе денеска и официјално почна со работа. Градинката е со капацитет до 55 деца од предучилишна возраст. Отворањето на новата Детска градинка го означија министерката за труд и социјална политика, Јована Тренчевска и градоначалникот на општина Босилово, Ристо Манчев.
„Денеска заедно со градоначалникот на Општина Босилово, Ристо Манчев ги пречекавме децата кои ќе ја посетуваат градинката „Среќни насмевки“ во Босилово. Оваа градинка која со работа официјално отпочна денеска е прва во ова населено место и ќе згрижува вкупно 55 деца. Продолжуваме со заложбите за зголемување на капацитетите на градинките, затоа што секое дете заслужува да биде дел од предучилишното воспитание и образование“, кажа министерката Тренчевска.
Првата Детска градинка во Босилово e изградена и опремена со средства обезбедени од Министерството за труд и социјална политика во износ од 14 милиони денари во градежниот дел и околу 2,5 милиони денари во опремување. Таа е изградена согласно најсовремените стандарди за објекти од оваа намена и овозможена е едукација на најмладите преку методот учење преку игра.
За градоначалникот на општина Босилово, Ристо Манчев е многу важно отворање на детски градинки во руралните средини кои се од исклучителна важност за социјализација и едукација на децата од руралните средини. Со ова се отвора и можноста за преземање на градинката од Моноспитово под надлежност на ЈОУДГ „Среќни насмевки“ од Босилово.