Иако голема, мала беше салата во Центарот за култура во Струмица за организирање на традиционалниот настан „Убави сме, свои сме“. Поддршката за учесниците беше голема, па некои мораа да останат надвор од салата, но организаторите годинава сакаа да направат вистинска модна писта, и успееја во тоа, од невозможно направија возможно, дваесеттина деца облечени во разни креации да продефилираат на модна писта.
Возбудени, оти беа манекени, „од високо“ ги гледаа луѓето кои дојдоа да ги поддржат, бидејќи ова ноќ тие се чуствуваа ѕвезди. Сите тие испратија порака дека под оваа небо сите сме исти и еднакви и повторно посакаа свет без различности.
Малата принцеза, а веќе полуматурантка Верче која со себе носи само љубов, со модел од „Елена Лука“ ја отвори модната ревија во придружба на нејзината другарка Вања Лазарова, со која секогаш сигурно и гордо чекори на модната писта на манифестацијата „Убави сме, свои сме“, што ја организира Здружението основано од нејзината мајка, Анче Туфекчиева.
Облечени во креации од повеќе бутици и модни куќи младите манекени и манекенки Жарко, Костадинка, Александар, Михаела, Филип, Царка, Мила, Деса, Уна, Максим, Тодорка, Стефан, Иван, Зорица, Благој, Александра, Јагмур и Дамла, Кирил, Мартин, Драги, Елизабета, Антонија и Атанас беа придружувани од личности од јавниот, културниот, политичкиот и општествениот живот, што со своето несебично ангажирање гласно порачаа дека сите ние сме дел од едно исто општество и ист свет, а со тоа ни следуваат еднакви можности.
Ова Манифестација е потсетување за меѓусебното прифаќање, почитување и препознавање на различноста како нешто што нè прави единствени, а истовремено нè сплотува“ – вели Анче Туфекчиева, организаторка на „Убави сме, свои сме“.