Денеска во рамките на превентивно едукативните активности на МВР и Клиниката за пластична и реконструктивна хирургија од Скопје насловени како „Петарди НЕ – безбедност пред се“, лекари од клиниката и полициски службеници од Отсекот за превенција при СВР Струмица одржаа стручни предавања, односно презентации пред ученици од средните општински училишта „Јане Сандански“ и „Никола Карев“ во Струмица.
Како што кажа портпаролката на СВР Струмица, Александра Трајанова, во непосреден разговор со учениците од страна на лекарите се нагласува ризикот од употреба на пиротехнички средства по здравјето на учениците, пред се од повреда на рацете, очите и други делови на телата.
„Учениците беа запознаени и со законскaта регулатива според која се санкционира неовластеното набавување, продажба и употреба на пиротехнички средства на јавни места, односно дека за ова истите може да бидат прекршочно или кривично санкционирани“, кажа Трајанова.
Според д-р Софија Тушева од Клиниката за пластична и реконструктивна хирургија, пораката е дека еден краток момент на забава може да доведе до траен инвалидитет.
„На секое дежурство, на секоја ноќна смена, се сретнуваме со повреди од користење на пиротехнички средства, коишто водат до траен хедикеп и понатаму го одредува животот на пациентот. Најчесто страдат експонираните делови од телото како што се рацете, лицето и очите и како резултат на тоа еуфоријата лесно преминува во трагедија и настанува ампутација, привремено и трајно слепило, најчесто и изгореници на експонираните делови и други повреди“, кажа д-р Тушева.